Ниту една компанија во земјава не смее да нуди работа за плата која е пониска од законски утврдената минимална плата, категоричен е министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Тој најави итни инспекциски контроли на терен и казни за сите кои го прекршуваат законот.
Реакцијата на министерот следува по информациите во јавноста дека на официјалната веб-страница на Агенцијата за вработување во моментов се нудат дури 9.000 слободни работни места со плати под минималната.
Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, денеска го презентираше Новиот оперативен план за вработување за 2026 година, каде одговараше на новинарски прашања за овој сериозен пропуст. Тој најави итен состанок со менаџментот на Агенцијата за вработување и Државниот пазарен и трудов инспекторат.
„Ќе имаме состанок и ќе направиме контроли кај овие компании. Ќе ве информираме какви мерки ќе преземеме. Не е важно дали огласите за работа се стари или нови, не може да се нудат огласи со плата под минималната, имаме закон којшто е на сила“, изјави министерот Дурмиши.
Тој испрати јасна порака до бизнис секторот дека државата нема да толерира заобиколување на законските прописи на штета на работниците.
„Бидете сигурни дека доколку навистина е така, односно се нудат работни места со плата под минималната, ќе преземеме мерки за тие да бидат санкционирани. Не може ниту една компанија да го злоупотребува законот“, истакна Дурмиши на денешната прес-конференција.
Во следниот период се очекува Трудовиот инспекторат да го прочешла системот на огласување на АВРМ за да се утврди дали станува збор за технички системски пропуст со застанати стари огласи или пак за директно кршење на Законот за минимална плата од страна на работодавачите.


