Суштината на процесот на интеграција во Европската Унија е исполнување на Копенхашките критериуми и европеизација во сите сфери на општеството, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Братислава, нагласувајќи дека Балканот историски и културно припаѓа во Европа.

Македонската претседателка ги изнесе овие ставови на заедничката прес-конференција со нејзиниот словачки колега Петер Пелегрини.

„Се согласувам дека таканаречениот Западен Балкан не смее да биде прескокнат, бидејќи суштината на Копенхашките критериуми е европеизацијата во сите области, почнувајќи од владеењето на правото, поделбата на власта, почитувањето на човековите права, либералната економија и способноста да се исполнуваат обврските кон Европската Унија. Не е доволно да бидете охрабрувани со децении“, изјави таа.

Сиљановска-Давкова посочи дека со Планот за раст и акциските планови, ЕУ конечно почнала да чекори заедно со нас „преку Копенхаген до Брисел“.

„Мислам дека тоа е вистинскиот пат. Без оглед дали се работи за мали или големи држави, Западниот Балкан, како и целиот Балкан, отсекогаш историски, културно и логично припаѓал на Европа и треба да го најде своето место внатре. Потенцирам дека целиот Западен Балкан заедно не претставува проблем за апсорпцискиот капацитет на Европската Унија. Второ, со интегрирањето во ЕУ, Унијата ќе биде поблиска до Европа. Трето, ќе се стави крај на феноменот на фрагментација, т.н. „балканизација“. Четврто, ќе се стави крај на вештачката поделба Исток–Запад“, рече Сиљановска-Давкова.

Претседателката потенцираше дека земјата очекува вреднување исклучиво според постигнатите меритократски резултати, а не нови блокади.

„Затоа, навистина очекуваме разбирање, а не поттикнување на употребата на ветото во врска со кластерите и поглавјата, како што рече и претседателот, меритократски, според заслугите – тоа е суштината на Европската Унија. Ќе влеземе тогаш кога ќе личиме на оние што веќе се членки на Европа. Мојата последна реченица: често велам дека сум уморна од тоа да живеам во „егзотична“ држава – сакам да живеам во досадна европска држава. Досадната европска држава е заснована на принципи и вредности. Тоа е она по што треба да бидеме оценувани“, подвлече претседателката.

Официјалната посета на Словачка започна со пречек со највисоки државни и воени почести, по што следуваше тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели и пленарен состанок на делегациите.

Во фокусот на разговорите беа унапредувањето на билатералните односи, економската соработка, трговската размена и инвестициите, како и партнерството во енергетиката, инфраструктурата, туризмот и иновациите. Соговорниците разменија мислења и за актуелните безбедносни состојби во Европа и соработката во рамките на НАТО.

Во рамките на агендата, предвидено е претседателката да оствари средби и со претседателот на Националниот совет на Словачка, Рихард Раши, како и со потпретседателот на владата и министер за одбрана, Роберт Калињак.

Exit mobile version