Неповолно мислење за финансиското работење на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за 2024 година изрече Државниот завод за ревизија, откако беа лоцирани низа прекршувања на законите, нецелосни пописи и спорни ангажмани со договори на дело.

Наодите на ревизорите упатуваат на незадоволително ниво на финансиска дисциплина.

„Изразивме неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2024 година“, стои во извештајот.

ДЗР потсетува дека институцијата со години влече стари неисполнети обврски. Од дадените петнаесет препораки во претходниот период, само четири се спроведени, една е во тек, седум се делумно спроведени и три препораки се целосно неспроведени.

Листата на утврдени пропусти за 2024 година содржи конкретни загрижувачки сегменти.

„Со извршената ревизија на финансиските извештаи на Институтот за 2024 година утврдено е следното: за приемот и потрошувачката на медицински материјали не е воспоставена целосна евиденција и не е извршено усогласување на податоците од сметководствената и материјалната евиденција со спроведениот физички попис на сите потрошни материјали; приемот и потрошувачката на вакцини не е евидентиран во деловните книги; попис на побарувањата не е направен во целост, а за побарувања во износ од 18.245 илјади денари кои се постари од три години не се преземени активности за наплата; активности предвидени со Nationalната годишна програма за јавно здравје за 2024 година не се спроведени во целост; неправилности поврзани со ангажирани лица со договор на дело и недоследности при издавањето на простор на Институтот под закуп“.

ДЗР веднаш испорача писмени барања до менаџментот со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Ревизорите алармираат и за дополнителни милионски суми кои висат меѓу ИЈЗ и Министерството за здравство.

„Во делот на Нагласување на прашања ревизијата известува за ненаплатените побарувања од Министерството за извршени здравствени услуги по програми за здравствена заштита во износ од 17.058 илјади денари, чија наплата е неизвесна“.

Одговорните лица на ИЈЗ испратиле официјални образложенија и забелешки, но државниот ревизор одбил поголем дел од нив бидејќи не биле поткрепени со дополнителни материјални докази на терен.

Exit mobile version