Економските односи меѓу Македонија и Словачка бележат нова динамика по потпишувањето на меморандумот за соработка, соопшти денеска словачкиот претседател Петер Пелегрини по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Братислава.

Според словачкиот шеф на државата, бизнис заедниците од двете земји веќе преземаат конкретни чекори за засилување на размената.

„По потпишувањето на меморандумот за соработка во делот на економијата за време на мојата посета на Скопје минатата година се појави нова динамика во економските односи. На почетокот на оваа година имаше состанок на заедничката Комисија за економска соработка овде во Братислава и повторно бизнис форум што беше организиран од страна на министерот за финансии на кој учествуваа околу сто компании од Северна Македонија“, изјави Пелегрини.

Тој потенцираше дека македонските компании покажале значителен интерес за соработка со словачките партнери, особено во повеќе индустриски сектори.

Интересен феномен е забележан во трговскиот биланс, каде што бројките покажуваат дефицит на словачката страна во однос на македонскиот извоз.

Пелегрини посочи дека трговската размена покажува негативно салдо за Словачка, при што добавувачите од Северна Македонија испорачуваат повеќе делови за автомобилската индустрија отколку што Словачка извезува на македонскиот пазар.

Втората клучна точка од разговорите во Братислава била енергетиката и поврзувањето во регионот, каде Словачка гледа свој стратешки интерес.

Во однос на енергетиката, тој ја нагласи важноста од изградба на регионални инфраструктурни врски, особено меѓу Грција и Македонија, што би овозможило диверсификација и нови патишта за транспорт на енергија кон регионот.

„Треба да има изградена на врска меѓу Грција и Северна Македонија, бидејќи овој дел е многу интересен за нас од перспектива на диверсификација и нови патишта за транспорт на енергијата до нашиот регион“, заклучи претседателот Пелегрини.

Exit mobile version