ДУИ: Оставката на Дамева ја одразува алармантната состојба на заробената држава
Оставката на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, претставува уште еден драматичен момент кој ја одразува алармантната состојба на заробената држава и урнисувањето на независноста на институциите. Личните напади, политичките притисоци и јавните манипулации што ги опиша госпоѓа Дамева се јасен одраз на нелегитимната и неодговорна власт, која не запира во обидите да го прошири своето влијание врз секој сегмент од државата, оценуваат во ДУИ.
„Оваа влада не само што не успеа да обезбеди праведен и независен судски систем, туку ги користи сите средства за да ги уценува и дискредитира оние кои не се подготвени да се покорат пред политичките притисоци. Кога високи функционери на правосудството, задолжени за заштита на правото и правдата, јавно се уценуваат, пораката е јасна: во оваа држава, независноста на институциите стана непријател на власта“, се нагласува во нивната реакција.
Демократската унија за интеграција најостро ги осудува политичките напади врз госпоѓа Дамева и како што велат, бруталните интервенции врз интегритетот на Судскиот совет. Ваквите напади, според нив, не се само личен напад врз еден поединец, туку и обид за парализирање на целиот судски систем, со што се поткопуваат сите напори за реални реформи и независна правда.
Апелираат до меѓународните институции внимателно да ја следат оваа состојба и да реагираат на континуираното лизгање на Северна Македонија кон авторитаризам и целосна заробеност на државата.
„Јасно е дека граѓаните не можат да очекуваат правда од влада која ги напаѓа правосудните институции за политички добивки.
Ова е повик за рефлектирање и делување. Независноста на судството е столб на секоја демократија, а неговото заробување е чин што ја загрозува стабилноста и иднината на државата. Ние, како Демократска унија за интеграција, секогаш ќе застанеме во одбрана на независните институции и на правдата, бидејќи веруваме дека слободната и непристрасна правда е единствената гаранција за праведно и еднакво општество“, велат од партијата на Ахмети.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа