ДУИ изразува длабока загриженост и индигнација поради изјавите и постапките на министерот за правда Игор Филков, кој со својот последен пристап го изедначува албанскиот јазик со нула во институциите на државата.
„Обидот албанскиот јазик да се исклучи од правосудниот испит, да се поткопа неговата употреба и да се третира како затворено прашање, не е само прекршување на Законот за употреба на јазиците, туку и директен удар врз Охридски рамковен договор и уставниот поредок на државата.
Албанскиот јазик е уставна категорија, законска категорија, право стекнато со жртва и темел на еднаквоста врз која почива мултиетничката држава. Секој обид да се релативизира или исклучи претставува чекор назад.
Подеднакво загрижувачки е молкот на коалицијата ВЛЕН, која наместо да ги брани правата на албанските граѓани, избира да биде нем набљудувач пред опасната тенденција за разградување на веќе постигнатите стандарди.
ДУИ потсетува дека јазичната еднаквост не се преговара и не се релативизира. Таа се спроведува. Секое поинакво дејствување ќе наиде на наш решителен институционален и политички отпор.
Албанскиот јазик нема да биде сведен на нула. Тој е дел од идентитетот, од Уставот и од неповратната реалност на оваа држава“, стои во соопштението од ДУИ.


