Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изнесе детали за сериозниот инцидент што се случи на лет на компанијата „ФлајДубаи“, каде што еден од пилотите го нападнал својот колега со нож, а во моментов е уапсен и се наоѓа на испитување кај саудиските власти.

Пренесувајќи ги зборовите на еден од патниците, Нетанјаху посочи:

– За време на летот, додека се приближувале кон Израел, еден од пилотите го избодел другиот пилот и очигледно се обидел да го сруши авионот со патници во него. Разговарав со еден од израелските патници. Тој ми кажа дека авионот влегол во кривина и почнал да се спушта. Ми рече дека некако успеал да влезе во пилотската кабина со еден од членовите на екипажот и заедно го совладале пилотот кој го извршил нападот со нож додека се обидувал да ги саботира системите на авионот.

Потврдувајќи дека авионот безбедно слетал на аеродромот Табук во Саудиска Арабија, премиерот додаде:

– Ги поздравувам овие херои кои покажаа извонредна досетливост и храброст. Тие спасија многу животи и спречија голема катастрофа. Авионот безбедно слета на аеродромот Табук во Саудиска Арабија. Сите патници сега се надвор од опасност. Пилотот кој го изврши нападот со нож е уапсен и во моментов е испрашуван од саудиските власти.

Exit mobile version