Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимцо Муцунски, денеска се обрати пред студентите и учесниците на програмата на College of Europe во рамките на сесијата „Macedonian Foreign Policy 101“, по што следуваше отворена дискусија за клучните приоритети на државата на меѓународен план.

Во своето излагање, Муцунски ги издвои трите основни столба на македонската надворешна политика:

– Во фокусот ги ставив трите столба на нашата надворешна политика: активниот придонес во НАТО, членството во Европската Унија и стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави. Нагласив дека сме кредибилен партнер во Алијансата и активен придонесувач кон регионалната стабилност, како и силен партнер и поддржувач на Украина.

Осврнувајќи се на евроинтеграциите и економската дипломатија, министерот додаде:

– Во однос на европската интеграција, гледаме напред – посветени сме на реформите, решавањето на спорот со Бугарија и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Посебно се осврнав и на силните билатерални односи со САД, кои опфаќаат не само политичка соработка, туку и економија, ИТ, одбрана и безбедност. Паралелно, нашата надворешна политика е сè повеќе насочена кон трговија, инвестиции и инфраструктурни проекти, вклучително и Коридорот VIII, со јасна цел: конкретни резултати за државата, економијата и граѓаните.

Exit mobile version