ОН: Досега нема извезено вештачко ѓубриво во рамките на договорот за жито

 

Досега нема никаков извоз на вештачко ѓубриво во рамките на договорот за жито, соопшти Канцеларијата на координаторот на ОН за Црноморската иницијатива за жито, пренесува ТАСС.

„Во моментов во украинските пристаништа има 14 брода на кои се товарат околу 600.000 метрички тони жито и прехранбени производи. Иницијативата предвидува и извоз на вештачки ѓубрива, вклучително и на амонијак. Но досега немаше таков извоз“, истакнаа од Канцеларијата.

Оттаму посочија дека ниту еден брод не бил прегледан од Заедничкиот координативен центар (ЗКК) во неделата и во понеделникот.

Бројот на инспекции на бродови во рамките на Црноморската иницијатива за жито драстично се намали од 1 мај, се вели во извештајот, во кој се додава дека инспекции чекаат 26 брода со повеќе од 1,15 милиони метрички тони товар.

„Додека дискусиите за иднината на иницијативата продолжуваат, Канцеларијата на координаторот на ОН и делегацијата на Турција тесно соработуваат со сите засегнати страни со цел да ги олеснат движењето и инспекциите на бродовите што заминуваат и доаѓаат во рамките на иницијативата и на договорените процедури“, додаваат оттаму.

Разговорите на високо ниво за продолжување на Црноморската иницијатива за жито треба да се одржат во Истанбул оваа недела.

Москва соопшти дека нема да го продолжи договорот со кој се овозможува извоз на жито од украинските пристаништа по неговото истекување на 18 мај ако не се исполнат нејзините барања за отстранување на пречките за извозот на руско жито и вештачко ѓубриво.

„Руската Федерација уште еднаш ефективно ја запре иницијативата за жито со одбивање да ги регистрира бродовите што доаѓаат и да изврши инспекција кај нив. Овој пристап е во спротивност со условите од сегашниот договор“, се пожалија од Киев.

Тие истакнаа дека 90 брод, вклучително и 62 бродови за товарење, чекаат во територијалните води на Турција за одобрение за да отпловат до украинските пристаништа.

Сепак, украинскиот министер за земјоделие истакна денеска дека Украина има алтернативни начини за транспортот на жито ако Црноморската иницијатива за жито не биде продолжена и нема да го гледа тој исход како „апокалиптично сценарио,“ не давајќи повеќе детали.

 

09.05.2023 - 14:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа