Агрометеоролозите од УХМР ги предупредуваат земјоделците да бидат внимателни во наредниот период поради најавените ниски температури и можноста за појава на мраз. Особено треба да се заштитат младите есенски посеви кои допрва никнуваат, како и новозасадените градинарски култури, за да се избегне замрзнување на површинскиот слој на почвата.
Како заштитна мерка се препорачува мулчирање или покривање на почувствителните растенија со агротекстил, со што ќе се задржи топлината во почвата и ќе се намали ризикот од оштетување на коренот при првите ноемвриски мразеви.
Покрај заштитата од студот, земјоделците треба да внимаваат и на состојбата на нивите по неодамнешните врнежи. Агрометеоролозите советуваат редовно да се проверува дали има задржување на прекумерни количества вода, а ѓубрењето да се одложи додека почвата е премногу влажна, за да не дојде до испирање на хранливите материи.
Зголемената влажност, предупредуваат од УХМР, создава и услови за развој на растителни болести и штетници, поради што е потребна почеста контрола на посевите.
Врнежите, сепак, имаат и позитивно влијание врз земјоделските култури. Тие се особено важни за есенската сеидба, која е во тек, а дел од житните култури, меѓу кои и пченицата, во одредени региони веќе почнале да никнуваат. Влагата во почвата е неопходна за ртење и правилен почетен развој на растенијата.
Позитивен ефект од дождовите има и во лозарството и овоштарството, бидејќи водата се акумулира во подлабоките слоеви на почвата и создава резерви за претстојната зима и следната вегетативна сезона.
Кај овошките, доволната влажност по бербата е важна за нивно подготвување за презимување, заштита од ниските температури и формирање квалитетни родни пупки за наредната година. Во тек е и бербата на доцните сорти, како дуњата, јапонското јаболко и калинката, како и садењето на одделни градинарски култури и собирањето на преостанатите есенски плодови.

