Димитров: Што повеќе сработиме дома, толку посилна ќе ни биде позицијата во поглед на почнувањето на преговорите со ЕУ

 

Португалија ќе биде заинтересирана да ги продолжи напорите на Германија, Берлин најавува дека останува посветен на ова прашање, мислам дека Европската Унија не може да си дозволи луксуз и оваа 2021 година, да помине така како што помина 2020, со неуспех по проширувањето, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во празничното интервју за МИА, во кое разговаравме за бугарската блокада, европеизацијата дома, интерпелацијата за него поднесена од страна на опозицијата, за капацитетите и подготвеноста на администрацијата за процесот на преговори…

-Пристапниот процес е алатка за европеизација. Меѓутоа, нас никој не ни ги врзува рацете да работиме на европеизација ако веќе немаме пристап до пристапниот процес. И мислам дека што повеќе сработиме дома, толку посилна ќе ни биде позицијата и во поглед на почнувањето на преговорите со Европската Унија, вели Димитров за МИА.

На прашањето дали очекува напредок во разговорите со Бугарија по завршувањето на изборите кај нив што се предвидени да се одржат во март, Димитров вели дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања.

Одговарајќи на прашање дали ангажманот на силниот претседавач Германија беше доволен, Димитров вели дека имавме голема поддршка од Берлин.

– Имавме тешка година, јас сум далеку убеден дека ќе имаме посреќна и далеку подобра 2021 година. Точно, во март имавме голем успех, на некој начин остана подзаскриен бидејќи тогаш беше почетокот на маката со коронавирусот, почетокот на пандемијата, и немавме ни прилика ни можност да се израдуваме, НАТО беше цел 25 години, четврт век, значи зацврстување на безбедноста, предвидливоста, тука сме за да останеме во овие граници и добивме безусловно зелено светло за почеток на преговори. За жал, тоа не се оствари, имавме голема поддршка од Берлин, канцеларката Меркел од среде Брисел најави од Европскиот парламент, дека првиот приоритет во надворешната политика на германското претседателство е почеток на пристапни преговори со Северна Македонија.

Имаше телефонски разговори, на тоа ниво, претседателот Штајмаер исто така со хомологот во Софија, претседателот Радев, имавме повеќе од шест часа прилика да разговараме за проблемите и разликите во присуство и како олеснувачи и на министерот Мас и на министерот Рот, јас мислам дека за првпат во овие функции заедно за иста работа, во иста соба, оти имаат стриктно поделени надлежности, сето тоа укажува дека Германија даде се што можеше. За жал Европската Унија по ова прашање функционира така што ако нема доволно консензус, доволно е една земја да спречи донесување на одлука. Меѓутоа, многу е важно што другите за тоа мислат. Ние се обидовме и мислам дека успеавме да издржиме иако не беше лесно, имаше многу искушенија, да имаме возрасна политика, да зборуваме со европски јазик, со јазикот на вредностите и принципите, и мислам дека е многу важно што нашата позиција беше разбрана, прифатена и поддржана од сите останати земји-членки.

Оваа битка не е само битка за македонскиот идентитет, туку е битка и за европскиот идентитет. Ако Европската Унија е заедница на вредности, меѓу кои клучните е богатството на различностите, кулурни и јазични, на народите во Европа, тогаш оваа битка е битка на самата Европска Унија. Јас сум убеден дека ние овие три цели коишто се целосно заедно компатибилни, мора да ги успееме истовремено. Да почнеме пристапни преговори, да го зачуваме и промовираме македонскиот идентитет и македонскиот јазик и да градиме пријателски односи со нашиот сосед, со соседна Бугарија.

Многу тежок ни е патот. Многу тесен и многу стрмен, процесот е во криза, проширувањето е во криза, и мислам дека неуспехот на Европската Унија да ја спроведе сопствената одлука испрати негативен сигнал за еден регион што е опкружен географски од земји-членки на Европската Унија. И во оваа смисла и кредибилитетот и европската иднина, перспективата што толку често во неброени документи ја повторуваат „Балканот има европска иднина“, „Балканот има европска песпектива“, такви зборови веќе не се доволни. За балканските народи навистина да веруваат во сериозноста на Европа и на тоа што Европа го вели.

Целото интервју прочитајте го ТУКА.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.01.2021 - 09:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега