Монтажната катна гаража во центарот на Куманово, која предизвика бројни реакции во јавноста, е само привремено решение. Градоначалникот Максим Димитриевски потврди дека објектот ќе биде дислоциран веднаш штом се создадат нови паркинг капацитети, со цел да се ослободи визуелниот пристап до Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Димитриевски се согласи со критиките дека гаражата е несоодветно поставена и дека го прикрива значајниот културен објект.
„Се согласувам дека не ѝ е местото таму и еден ден нема да биде. Но, ако ја отстраниме сега, ќе остане празен простор без функција и без доволно паркинг за граѓаните“, изјави Димитриевски.
По нејзиното отстранување, просторот ќе биде вратен во првобитната намена како отворен паркинг со модерно урбано решение.

