Екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ од Куманово со помош на механизација се обидуваат да го локализираат и изгаснат пожарот кој вчера избувна на депонијата „Краста“, информираат денеска надлежните од јавното претпријатие.
Пожарот се појавил во доцните попладневни часови, по што службите веднаш излегле на терен за да го спречат ширењето на огнот.
„Пожарот избувна в доцните попладневни часови. Екипите веднаш реагираа и денеска се на локацијата. Имаме два булдожери кои затрупуваат со земја, се надеваме дека наскоро целосно ќе го изгасиме пожарот“, изјави директорот на претпријатието, Сашо Томиќ.
Локацијата на депонијата „Краста“ се наоѓа на локалниот пат Куманово-Пчиња и сè уште функционира како нестандардна депонија. Според плановите, таа во иднина треба да се трансформира во претоварна станица со капацитет од 10.000 тони отпад, опремена со зони за сортирање на разни типови смет, габаритен отпад и компостирање.
Новиот систем предвидува компактирање на отпадот со стационарни преси, изградба на товарни рампи и вага за возила, а таму би работеле најмалку десет работници во една смена.
Инаку, кумановската депонија „Краста“ функционира уште од далечната 1958 година и се протега на површина од 12,5 хектари. На оваа локација се складира сметот од целиот град кој брои над 100.000 жители, при што на дневно ниво таму се депонираат меѓу 100 и 120 тони смет.


