Крузерот „Амбишн“, на кој се наоѓаат 1.233 патници и 514 членови на екипажот, итно укотвен во францускиот град Бордо по смртта на еден патник и појава на епидемија на гастроентеритис. Светските медиуми пренесуваат дека кај околу 50 лица се појавиле симптоми на норовирус, што предизвика итна интервенција на здравствените власти.

Бродот, во сопственост на операторот „Амбасадор“, пловел од Шетландските Острови кон Шпанија, превезувајќи главно британски и ирски државјани. Проблемите со стомачни тегоби кај дел од патниците биле пријавени уште по испловувањето од Ливерпул.

Операторот потврди дека во моментов има 49 активни случаи на заболени, што е нешто помалку од 3% од вкупниот број луѓе на бродот. Тие потенцираат дека ситуацијата ја сфаќаат „исклучително сериозно“ и дека се воспоставени „засилени протоколи за санитација и превенција“.

Француските власти наредија детален здравствен преглед, а медицински примероци се испратени на тестирање во Универзитетската болница во Бордо. Иако на бродот починал 92-годишен маж, првичните информации велат дека тој претходно не пријавил симптоми и причината за неговата смрт допрва ќе се утврдува.

„Им даваме секаква можна поддршка на пријателите и семејството на починатиот и им изразуваме најдлабоко сочувство во ова тешко време“, се вели во официјалното соопштение на компанијата. Сите закажани активности на копно се откажани, а на патниците ќе им бидат вратени парите.

Exit mobile version