Грција воведе нови, значително построги ограничувања на брзината во населените места со цел зголемување на безбедноста на пешаците и велосипедистите. Од почетокот на годинава, максималната дозволена брзина на градските улици со по една лента во секој правец е намалена од 50 на 30 километри на час.

Исклучок од ова правило се само големите булевари и еднонасочните улици со најмалку две ленти, каде што протокот на сообраќај дозволува брзина до 50 км/ч. Истражувањата покажуваат дека со ова намалување, ризикот од смрт кај пешаците при евентуален удар се намалува од 80 на само 10 проценти.

Новиот Закон за безбедност на патиштата предвидува и строги санкции за возачите. Оние кои ќе возат со 50 км/ч во зона каде е дозволено 30 км/ч, ќе се соочат со казна од 150 евра и одземање на дозволата на 20 дена.

Доколку брзината е за 30 до 50 км/ч поголема од дозволената, казната изнесува 350 евра со забрана за возење од еден месец. За најтешките прекршоци, односно возење над 80 км/ч во зона со лимит од 30, предвидена е глоба од 700 евра и одземање на возачката дозвола на два месеци.

На македонските туристи им се препорачува особено внимание при влегување во станбени области во Грција за да ги избегнат овие ригорозни санкции.

Exit mobile version