Француските здравствени власти воведоа ригорозен надзор над 22 лица кои биле во контакт со случај на хантавирус, додека дополнителни четири лица од крузерот каде е регистрирана инфекцијата се хоспитализирани како превентивна мерка.
Министерката за здравство на Франција, Стефани Рист, потврди дека состојбата на сите идентификувани контакти во моментов е добра.
„Сите идентификувани контакти се чувствуваат добро и првите хоспитализирани лица не покажале никакви клинички симптоми“, изјави министерката Рист, пренесува порталот „BFM TV“.
Според официјалните податоци, контактите се поделени во две групи врз основа на летовите на кои престојувала жртвата на вирусот од Холандија. Првата група ја сочинуваат осум патници од летот Света Елена – Јоханесбург, а втората 14 патници од линијата Јоханесбург – Амстердам.
Меѓу лицата под надзор се и тројца тинејџери кои патувале со своите родители, а кои во моментов се сместени во болница во Париз. Дополнителни случаи се изолирани и во Универзитетските болници во Рен и Марсеј.
Француската влада денеска одржува серија меѓуресорски состаноци во Матињон за координирање на кризата. Ситуацијата добива и меѓународна димензија, со оглед на тоа што за денеска е закажан и вонреден состанок на министрите за здравство на Европската Унија.


