Директорот на Центарот за управување со кризи, г-дин Мухамед Али, официјално го потпиша договорот за реализација на повеќегодишниот проект G10231 – „Интероперабилен систем за командување со инциденти управуван од вештачка интелигенција за прекуграничен одговор при кризни и итни состојби (NICS-2)“, кој се спроведува во рамки на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“ (Science for Peace and Security – SPS).

По многу години, за првпат сериозно, со јасна визија и силна меѓународна поддршка, започнува процесот на изградба на современ и интегриран систем за управување со кризи во Република Северна Македонија.

Овој проект претставува значајно признание за капацитетите и посветеноста на институцијата во областа на управувањето со кризи, како и важен чекор кон модернизација на националните системи за координација, рано предупредување и справување со природни непогоди и вонредни состојби.

Со имплементацијата на NICS-2 ќе се зајакне меѓуинституционалната интероперабилност, ќе се унапредат капацитетите за донесување одлуки во реално време и ќе се создадат поефикасни механизми за заштита и безбедност на граѓаните.

Воедно, проектот претставува значаен придонес кон зајакнување на меѓународната соработка. Преку оваа иницијатива ќе се овозможи поддршка заедно со партнерите од Украина, преку споделување знаења, искуства и најдобри практики во областа на управувањето со кризи и итни состојби.

Exit mobile version