ВМРО-ДПМНЕ преку пратеникот Бране Петрушевски побара денеска реакција од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по објавувањето на дипломатската нота од страна на бугарските власти, со која, според партијата, директно се загрозува безбедноста на премиерот Христијан Мицкоски.

„Специјалниот бугарски пратеник Филипче наместо молк, да го осуди преседанот во дипломатијата, откако преку неговите партнери од Бугарија излезе дипломатска нота со која се наруши безбедноста на претседателот Мицкоски“, истакна Петрушевски на денешната прес-конференција.

Пратеникот посочи дека политичките партнери на Филипче во Бугарија, предводени од претседателот Румен Радев, направиле невиден дипломатски преседан со јавното објавување на доверливи документи. На социјалната мрежа Фејсбук се појавиле детали за службените возила, имињата на патниците, локацијата каде престојувало семејството на Мицкоски, како и радиофреквенцијата на обезбедувањето, за што сè уште нема официјално извинување од Софија.

„Политичките партнери на Филипче, бугарските власти предводени од Румен Радев, кои ни го негираат македонскиот идентитет, јазик, култура и историја направија дипломатски преседан со објавување на дипломатска нота, со којашто директно се нарушува безбедноста на семејството на претседателот Мицкоски“, обвини Петрушевски.

Тој додаде дека ваквите сигнали од Софија јасно покажуваат дека македонскиот пат кон Европската Унија ќе биде полн со предизвици и притисоци. Наместо реакција и заштита на државните интереси, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче продолжува со молкот.

„И наместо осуда од специјалниот бугарски пратеник во Македонија, Венко Филипче, тој молчи и продолжува да соработува со оние коишто не не признаваат, а тоа се властите во Бугарија предводени од Румен Радев“, подвлече Петрушевски, порачувајќи дека Македонија нема да се откаже и дека притисоците само даваат поголем мотив за достоинствен пат кон ЕУ.

Exit mobile version