Премиерот Христијан Мицкоски, денеска се обрати по повод промоцијата на проектот „Везилка“, со кој се воспоставува Националниот центар за вештачка интелигенција. Тој истакна дека станува збор за стратешко вложување во иднината и во потенцијалот на домашните научници, истражувачи, студенти и компании.

„Повикувајќи се на вредноста на проектот, тој претставува вложување во иднината, во потенцијалот на македонските научници, истражувачи, студенти и компании, но и јасна определба државата да биде активен учесник во технолошките процеси што го обликуваат современиот свет“, истакна Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека развојот на вештачката интелигенција веќе создава нови економски модели и индустрии, поради што способноста на државата да ги поврзе науката и стопанството е клучен предуслов за долгорочен развој. Како посебна вредност на „Везилка“, тој ја издвои заедничката визија на Владата, академската заедница и Европската Унија.

Мицкоски додаде дека преку овој центар се отвораат нови перспективи за македонските истражувачи и стартап заедницата, кои ќе добијат пристап до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и до напредни суперкомпјутерски капацитети.

„Како универзитетски професор, отсекогаш сум верувал дека најсилниот ресурс на секоја држава се луѓето. Знаењето што го поседуваат, талентот што го развиваат и идеите што ги создаваат се најсигурната основа врз која може да се гради просперитетна иднина. Затоа секоја инвестиција во науката и истражувањето е инвестиција која со текот на времето носи најголем поврат за општеството“, подвлече премиерот.

Во своето обраќање, тој стави посебен акцент на фактот што овој проект директно ќе влијае врз заштитата на домашните обележја во дигиталниот свет.

„Особено значење има и фактот што ‘Везилка’ ќе придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик. Во време кога новите технологии сè повеќе стануваат простор во кој се создава и споделува знаење, присуството на сопствениот јазик претставува прашање на културен континуитет, научен развој и национална самодоверба“, рече Мицкоски.

На крајот, тој упати честитки до ФИНКИ, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Министерството за дигитална трансформација за нивната посветеност, како и благодарност до Европската Унија за поддршката.

„‘Везилка’ претставува почеток на еден процес кој ќе придонесе за посилна наука, поконкурентна економија и поголеми возможности за младите луѓе. Процес што ќе помогне Македонија да се позиционира онаму каде што знаењето е многу значајно и во исто време да ја поддржува иновативноста и да создава услови иднината да се гради дома, со домашен потенцијал, домашна експертиза и домашна визија“, заклучи Мицкоски.

Exit mobile version