Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на собраниската седница за интерпелација на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека по сите скандали, безбедносни пропусти и трагедии во изминатите две години, Тошковски одамна требаше да си поднесе оставка.
„Да имаше право и правна држава, да имаше Закон кој што важи за ВМРО, Панче Тошковски одамна ќе беше сменет. А да имаше морал, Панче Тошковски денес не требаше да биде предмет на интерпелација“, рече Талески.
Тој потсети на изјавата на Тошковски дека секој ќе одговара пред законот и оцени дека реалноста денес е сосема поинаква.
„Се сеќавате ли на големите зборови на Панче Тошковски? ‘Брат да ми е, ќе одговара.’ Еве поминаа две години. Кој одговараше? Никој. Никој не одговара“, истакна Талески.
Во своето обраќање тој нагласи дека за време на мандатот на Тошковски се случиле бројни скандали и безбедносни пропусти, а институциите не утврдиле одговорност.
„После сите скандали, после сите пропусти, после сите убиства, трагедии, безбедносни инциденти, после пет тони дрога што поминаа преку македонската граница, после распадот на безбедносниот систем – Панче Тошковски требаше сам да си поднесе оставка“, рече Талески.
Осврнувајќи се на случајот со петте тони дрога кои поминале преку македонската граница, Талески побара одговори од министерот.
„Пет тони дрога поминаа преку граница. Не пет килограми, не педесет килограми, пет тони. Шест месеци подоцна нема одговорност. Нема разрешувања. Нема оставки. Нема виновници“, рече Талески.
Интерпелацијата не е само за еден министер, туку за состојбите во целиот безбедносен систем, додаде тој.
„Денес не расправаме само за еден министер. Денес расправаме за целосен распад на безбедносниот систем. За партизирана полиција. За неказнивост. За заштита на партиски кадри. За држава во која граѓаните се оставени сами на себе“, порача Талески.
На крајот од своето обраќање, тој директно го повика Тошковски да ја напушти функцијата.
„После две и пол години мора малку чувство да проработи. Пустош направивте. Дајте си оставка и ослободете го МВР од сите овие скандали“, порача Талески.


