Четиринесет деца низ училиштата во Македонија се заразени со Ковид 19

 Ниту еден ученик не се заразил во училиште и нема интерна трансмисија, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на Основното училиште „Ацо Шопов“ во Радишани, општина Бутел.

Таа не сакаше да коментира за кои училишта со позитивни случаи станува збор и потенцира дека епидемиолошките служби се на терен и постапуваат.

– За јавноста е битно да знае дека во изминатиот ден имавме 14 позитивни случаи. Тоа е само 0,01 процент од вкупниот број ученици. Кои училишта, кои деца или кои наставници, знаат надлежните служби. Покажување со прст на ученик или школо, нема да донесе добро никому. Во моментов, со физичко присуство, настава посетуваат над 233.000 ученици во државата. Посакувам тој процент на заразени да остане во периодот кој следи, истакна Царовска, која потенцира дека единствениот и најдобар пристап кој може да го примениме во оваа пандемија е физичко присуство со почитување на протоколите.

Царовска додаде дека министерството, општините и училиштата се подготвени за промена на моделот во секој момент ако тоа биде потребно.

Министерката посочи дека главната цел за нејзината посета на училиште „Ацо Шопов“ и била за да види како се спроведува новата наставна програма за учениците од прво до четврто одделение.

– Навистина ми е драго што можев да го посетам ова училиште во Општина Бутел и да видам дека наставата се спроведува според сите протоколи. Но, главната цел беше дискусија со наставниците и учениците од прво и четврто одделение дали оди добро имплементацијата на новите наставни програми, како оди употребата на дигиталните учебници и дигиталните табли. Морам да кажам дека имаше задоволство и кај наставниците, а уште повеќе кај учениците. Во сите училници, учебниците беа поставени на дигиталните табли, изјави Царовска.

Таа уште еднаш апелираше наставниците и учениците да се придржуваат до протоколите оти само на тој начин може да се одржи наставата со физичко присуство. Царовска информира дека редовно има координација со директорите на училиштата

Градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски, кој заедно со министерката Царовска, го посетија училиштето „Ацо Шопов“ истакна дека условите за работа на учениците и на наставниците во него се според сите стандарди.

– Минатите години имаше многу инвестиции во училиштето „Ацо Шопов“ поддржани од Министерството за образование и наука и општина Бутел. Се за добро на учениците. Можам да кажам дека е едно од ретките училишта кое е целосно енергетски подновено. Условите за работа, како за учениците, така и за наставниците, е со целосни стандарди. И не само училиштата на територија на општина Бутел, туку и низ цела држава, се подготвени за настава со физичко присуство, изјави Смилевски.

Директорката на ОУ „Ацо Шопов“ Лепа Дохчева информираше дека од 870 ученици само 10 се пријавиле да следат настава онлајн, која е веќе започната.

– Горда сум што министерката се одлучи да го посети нашето училиште и да види дека сме подготвени за настава. Без разлика дали тоа е сега во услови на пандемија, ние училиштето го имаме опремено веќе неколку години. Во овој период со финансии од Министерството за образование и наука и општината се инвестира во подобрување на условите во фискултурната сала, во училишната кујна и тоалетите, вели Дохчева.

Таа им посака успешна година на сите ученици и повика да се почитуваат мерките за заштита за да заштити нашето здравје и што побрзо да заврши пандемијата и децата да одат во училиште без маски. 

03.09.2021 - 11:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега