Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис упати пофалби за напредокот на Северна Македонија во повеќе области, посебно издвојувајќи ја дигиталната трансформација, усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија и реформите во јавната администрација.
„Северна Македонија веќе постигна значителен напредок во повеќе области, особено во дигиталната трансформација, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика, како и во аспектите на реформата на јавната администрација. Честитки, драг мој Тимчо!“, му порача Герапетритис на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на министерскиот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина.
Грчкиот шеф на дипломатијата, кој е домаќин на состанокот, ја повтори поддршката на Атина за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, нагласувајќи дека е неопходно да се зачува и зајакне актуелниот моментум на проширувањето на Европската Унија.
На состанокот учествуваат министрите за надворешни работи на шест земји-членки на ЕУ и шесте партнери од Западен Балкан, меѓу кои и Муцунски, како и еврокомесарката за соседство и проширување Марта Кос. Потпретседателката на Европската комисија и високата претставничка за надворешна политика и безбедност Каја Калас не присуствува поради штрајкот во воздушниот сообраќај во Белгија.
Во воведното обраќање, Герапетритис оцени дека проширувањето е важно не само за земјите-кандидатки, туку и за самата Европска Унија, бидејќи претставува инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот на европскиот континент.
Тој потсети дека грчката поддршка за европската интеграција на Западен Балкан датира од Солунската агенда во 2003 година и нагласи дека регионот има стратешко значење за заокружување на европското политичко единство.
Според Герапетритис, Западен Балкан се наоѓа на чувствителна геополитичка позиција, меѓу Источна Европа и Источниот Медитеран, региони со сериозни безбедносни предизвици. Поради тоа, оцени дека интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ е важна за стабилноста и безбедноста на целиот континент.
Тој се осврна и на значењето на добрососедските односи и почитувањето на меѓународното право, оценувајќи дека тие се неопходни за градење доверба меѓу идните членки на проширената Унија.
Герапетритис најави дека Грција ќе продолжи активно да ги поддржува европските аспирации на земјите од Западен Балкан, особено во пресрет на грчкото претседавање со Советот на Европската Унија во втората половина на 2027 година.

