Судскиот процес против Ива Михаилова, обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот во врска со сообраќајната несреќа кај Кочани со смртни последици, продолжи на 9 ноември во Основниот суд во Кочани. Рочиштето се одржа без нејзино присуство, откако претходно стана недостапна за органите на прогонот и по неа беше распишана меѓународна потерница.
Судот го одбил барањето на обвинетата да учествува на рочиштето преку видеоврска, со образложение дека законските одредби не предвидуваат таква можност за обвинети лица. Одлуката останала непроменета и покрај тоа што од адвокатска канцеларија во Бугарија пристигнала жалба поради одбивањето на барањето.
По рочиштето се огласи и Бки Дурмиши, брат на загинатиот во несреќата, кој изрази незадоволство од текот на судењето и од начинот на кој вештаците на одбраната ги презентирале своите наоди.
Тој посочи дека во текот на расправата повторно било истакнато оти судирот се случил на страната на автомобилот во кој се наоѓал неговиот брат. Дурмиши раскажа и дека на рочиштето присуствувал бугарски пратеник, кој бил опоменат откако фотографирал со мобилен телефон во судницата.
„Што да кажам, вештаците на одбраната на обвинетата ги читаа одговорите на прашањата. Имаше некој пратеник од Бугарија, кој среде судење сликаше со мобилен, па го опоменаа. Јас само немо посматрам, гледам што се случува врз името на млад згаснат живот“, изјави Дурмиши.
На следното рочиште, закажано за 27 ноември, судот предложил да сведочи докторот кој ја извршил обдукцијата, како и вештаци ангажирани од одбраната. Се очекува да се разгледа и барањето на обвинителството за медицинско вештачење, како и да бидат изведени дополнителни материјални докази.
Инаку, Ива Михаилова од Кочани гостуваше во подкастот на бугарскиот новинар Мартин Карбовски, каде зборуваше за својот национален идентитет, судскиот процес што се води против неа во Македонија и односот на македонските институции кон неа.
Подкастот, објавен на 7 ноември, е насловен „Сакаа да се откажам од бугарското во мене“, а Михаилова во разговорот со Карбовски, во кој учествува и нејзиниот адвокат Николај Димитров, ја претставува својата приказна низ призмата на бугарскиот идентитет.
Таа вели дека се чувствува како Бугарка, иако е родена во Македонија, и тврди дека наводно се соочила со притисоци поради јавното декларирање на својата национална припадност.

