Борел: Иднината на европската безбедност ќе се решава во Украина

Иднината на европската безбедност ќе се решава во Украина, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел за време на самитот на НАТО во Вашингтон. На настанот „Ноќ на одбраната на ЕУ“, Борел повика на здружување на силите од двете страни на Атлантикот во борбата против, како што рече, „предизвикот што го поставува Русија“.

Тој го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека сака Русија повторно да доминира во нејзиното соседство и нагласи дека Европејците почнале да ги обновуваат своите одбранбени капацитети. „Ако дозволиме путиновата Русија да ја претвори Украина во друга Белорусија и да инсталира марионетска влада во Киев, подоцна ќе платиме многу повисока цена. Егзистенцијално е Украина да надвладее, тоа е услов за нашата безбедност“, рече Борел, според Танјуг.

Тој потсети на формирањето на НАТО пред 75 години и на блокадата на Берлин во 1949 година, кога, како што рече, Берлин беше „фронтот меѓу демократијата и авторитарните режими“.

„Денес оваа линија на фронтот е Украина. Иднината на безбедноста на Европа ќе се решава во Украина“, рече Борел, додавајќи дека смирувањето не функционира со Русите. Тој, исто така, потсети на руската анексија на Крим во 2014 година, како и на претходните настани во Чеченија, Сирија и Грузија, тврдејќи дека „Путин сака Русија повторно да доминира во нејзиното соседство“.

„Путин не се откажа од руските империјалистички амбиции. И тоа е проблем. Русија сè уште се однесува како империја, а Путин сака да ја обнови империјата“, тврди Борел. Во овој контекст, тој оцени дека ЕУ била слабо подготвена кога почнала војната во Украина.

„Се разбудивме и тогаш сфативме дека не сме подготвени да се соочиме со овој предизвик“, изјави Борел и повика да се оди по патот на единството и силата, исто како и пред 75 години.

Тој посочи дека Европа почна да ги обновува одбранбените капацитети, ги зголемува одбранбените буџети и овозможува подем на одбранбената индустрија и посочи дека вкупните расходи во Европа се зголемени за 30 отсто во последните три години, а годинава ќе достигнат во просек од речиси два отсто.

Со оценката дека „историјата се римува“, Борел рече дека на крајот ќе надвладеат оние со поголеми индустриски капацитети и подобра технологија. Тој исто така нагласи дека Европа е посветена на одбраната на Украина на долг рок, иако, како што наведе, некои може да се запрашаат дали е тоа така кога ќе ги погледнат европските избори пред неколку недели.

Посветеноста на одбраната на Украина, како што наведе, не само што е вистинската работа, туку е во интерес на Европа. „Со одбрана на Украина, ние ја браниме европската безбедност и тоа е единствениот начин да се постигне мир“, рече Борел, тврдејќи дека Путин „нема да застане во Киев“.

Тој додаде дека Европа сака мир, но „само мир кој го почитува суверенитетот на Украина“ и нагласи дека „будењето на Европа“ не треба да значи опуштање на САД во однос на поддршката за Украина.
Сите ние, од двете страни на Атлантикот, мора да ги здружиме нашите сили за да се бориме против предизвикот што Русија го претставува, денес, како и пред 75 години. И само единството денес, како што беше пред 75 години, може прво да ги спаси Европејците и демократијата и слободата ширум светот“, заклучи Борел.

10.07.2024 - 13:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега