Битиќи: Добиваме силна поддршка од ММФ за полноправно членство во ЕУ
На средбите во ММФ беше реафирмирана оценката дека економската стабилност и раст на Северна Македонија, во голем степен се зависни од фискалната политика, со која преку ефективни владини трошења и јасно поставени буџетски приоритети, значајно може да се помогне во поставувањето на избалансирана и одржлива економска рамка.
Во седиштето на ММФ се зборуваше и за важноста од функционирање на механизам за системска анализа на јавните расходи, како алатка за континуирана и структурана евалуација на јавната потрошувачка, идентификување на изворите на неефикасност и проценка на усогласеноста на јавните расходи со економските приоритети и цели. Со целосното имплементирање на овој механизам Владата ќе може да носи информирани одлуки за распределба на јавните ресурси, обезбедувајќи ефикасно и ефективно користење на средствата на даночните обврзници.
Од страна на претставниците на ММФ беше нагласено значењето на усогласување на економските политики со Целите за одржлив развој, дефинирани во Агенда 2030, за што вицепремиерот Битиќи истакна дека Владата силно работи на промовирање и спроведување на политики кои ја поттикнуваат транзицијата кон зелена економија, како што се интензивираните инвестиции во обновливи извори на енергија и зајакнувањето на отпорноста на инфраструткурата кон климатските промени.
Заедничка констатација во средбите со високите представници на ММФ е дека оваа финансиска институција досега се има покажано како значаен партнер кој има обезбедено значајна финансиска, техничка и советодавна помош на Северна Македонија за да и помогне да ги зајакне своите политики и да ги усогласи правните и регулаторни рамки со стандардите на ЕУ.
ММФ ќе продолжи со силна поддршка на земјата на патот кон полноправно членство во ЕУ преку промовирање и поддршка во делот на економската стабилност, фискалната дисциплина и структурните промени, политики кои се во целост усогласени со тие на земјите-членки на ЕУ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа