Седумнаесетгодишната Билјана Кириќ и 21-годишниот Виктор Гунтаров се двете лица кои беа пронајдени мртви на 3 ноември во Богданци. Телото на девојката било откриено во опожарен автомобил, додека момчето било пронајдено мртво во негова близина. Обвинителството соопшти дека првичните индиции укажуваат на убиство и самоубиство, но истрагата треба да ги утврди точните околности.
Нови детали откриваат дека на трагичниот настан му претходеле пријави за физичко насилство и закани кон малолетничката, а против 21-годишникот веќе биле преземени мерки од надлежните институции.
Според МВР, на 30 септември Гунтаров бил приведен откако било пријавено дека физички ја нападнал својата 17-годишна девојка во неговиот дом. За настанот бил известен јавен обвинител.
На 16 октомври, Основното јавно обвинителство Гевгелија добило и пријава за загрозување на сигурноста на девојката, по што била отворена постапка, биле закажани сослушувања и биле наредени вештачења.
Во меѓувреме, судот изрекол заштитни мерки со кои на момчето му било забрането да ѝ се приближува и да ја вознемирува малолетничката. Според досегашните информации, забраната била во сила и на денот на трагедијата.
Гунтаров наводно ја пресретнал девојката пред теретана во Гевгелија, насилно ја внел во автомобил и заминал кон Богданци. Овие тврдења засега немаат официјална потврда.
Случајот бил откриен на 3 ноември, околу 18:40 часот, кога полицијата добила пријава за запален автомобил кај местото „Ичева чешма“, во месноста Горно Село. Во близина на возилото било пронајдено телото на 21-годишникот, а по гаснењето на пожарот, во автомобилот било откриено и изгорено тело.
Од Обвинителството информираа дека е извршен увид, наредена е обдукција на двете тела и обезбедени се снимки од видеонадзор. Иако првичните сомневања се дека станува збор за убиство и самоубиство, истражните органи нагласуваат дека сите околности допрва ќе се испитуваат.

