Aктерот Бен Афлек, иако е противник на социјалните мрежи, особено на идејата актерите да го изложуваат целиот свој живот пред јавноста, тој двапати се обидел да користи Инстаграм поради своите деца, но не успеал.
Холивудската ѕвезда Бен Афлек е меѓу познатите личности кои не користат социјални мрежи, па корисниците на Инстаграм не можат да видат како го поминува викендот, какви комбинации на облека пробува, што јаде и слично. Сепак, тоа не значи дека не се обидел да има сопствен профил. Како што открил актерот во интервју за „Variety“, дури двапати бил блокиран на Инстаграм, односно му било забрането да ги користи профилите што ги направил, и тоа од прилично необична причина. Имено, платформата проценила дека некој лажно се претставува како Бен Афлек.
Холивудскиот актер признал дека социјалните мрежи никогаш не му биле особено блиски, но сепак се обидел да користи Инстаграм за да следи што објавуваат неговите деца.
– Двапати ме блокираа на Инстаграм поради лажно претставување, и тоа како самиот себе. Имав шест следбеници. Тоа беа моите деца и некои нивни пријатели. Всушност, тоа ми беше изговор за да можам да ги гледам профилите на моите деца на социјалните мрежи – рекол актерот.
Афлек со поранешната сопруга Џенифер Гарнер има три деца: Вајолет (20), Серафина (17) и Семјуел (13). Како што признал, неговата сметка не била наменета за одржување популарност, туку му служела како начин да ѕирне во онлајн-светот на своето семејство. Сепак, Инстаграм проценил дека станува збор за некој што се претставува како Бен Афлек.
Бен Афлек не гледа смисла актерите да бидат активни на социјалните мрежи
Во интервјуто глумецот објаснил дека смета оти јавните личности, особено актерите, не мора да го споделуваат секој детаљ од својот живот со следбениците. Приватноста, нагласил тој, има посебна вредност, особено во време кога сè што ќе објавиме на интернет останува трајно забележано.
– Порано постоеше време кога не остануваше трајно забележано сè што ќе кажете или направите. Како што стареете, сè повеќе сте свесни што значи тоа. Го доживеав светот и имав цел живот во приватност. Навистина знам колку е тоа драгоцено – објаснил Афлек.

