Македонија очекува од Бугарија, како земја членка на НАТО и на Европската Унија, да ги испорача лицата што се бараат со потерница за да се соочат со правдата, изјави вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во врска со случајот со Ива Михајлова, за која денеска беше распишана меѓународна потерница, откако деновиве избега во Бугарија.
Во гостување во емисијата „Колегиум“ на телевизија Алфа, Николовски посочи дека Министерството за надворешни работи имало прецизна комуникација за случајот, оценувајќи дека станува збор за класично бегство од правдата по распишувањето на меѓународната потерница.
– Мислам дека Министерството за надворешни работи имаше доста прецизна комуникација за овој дел. Кажаа дека таа практично избегала од Македонија, а денеска е распишана и меѓународна потерница. Беа прилично јасни дека се работи за класично бегство од правдата. Очекуваме Бугарија, како земја членка на НАТО и на Европската Унија и како развиена демократија во која се почитува владеењето на правото, да ги испорача лицата што се бараат со потерница за да се соочат со правдата – рече Николоски.

