Белоруски новинар доби 8 години затвор, обвинет е за 1586 кривични дела

 

Белорускиот дисидент, новинарот Роман Проташевич (27), кој пред две години бил во авион кој принудно слетал во Минск, е осуден на осум години затвор, пренесува БЕЛТА.

Во мај 2021 година, Проташевич летал од Грција за Литванија кога авионот ненадејно бил пренасочен врз основа на лажна закана за бомба и слетал во главниот град на Белорусија. Новинарот таму е уапсен со неговата девојка Софија Сапега.

Западните лидери го нарекоа потегот киднапирање и ја повикаа Белорусија да го ослободи Проташевич, долгогодишен критичар на претседателот Александар Лукашенко и поранешен уредник на „Некста“, опозициски профил на Телеграм. Останатите двајца зад каналот Некста, Степан Путило и Јан Рудник, се осудени во отсуство на 20 години затвор.

Агенцијата БЕЛТА наведува дека 27-годишникот е обвинет дека извршил најмалку 1.586 кривични дела, пренесува Ал Џезира. Обвиненијата против него вклучуваа организирање масовни немири, подготвување акции кои грубо го нарушуваат јавниот ред, повикување на санкции против Белорусија, создавање или водење на екстремистичка група и заговор за преземање на власта.

Обвинителите побараа казна затвор од 10 години за Проташевич. Во мај минатата година, Сапега беше осудена на шест години затвор под обвинение за поттикнување раздор и социјална омраза.

Околностите на апсењето на Проташевич предизвикаа бес и санкции на Европската унија против Лукашенко. Групите за човекови права соопштија дека илјадници демонстранти биле уапсени, а многумина биле тепани и измачувани од безбедносните службеници во Белорусија.

Се верува дека Проташевич бил принуден од белоруските власти јавно да признае во видео прикажано на државната телевизија. Кога неговото судење започнало во февруари, Белорусија објави видео во кое новинарот целосно ја признава својата вина за злосторствата за кои е обвинет.

Тој е во домашен притвор од јуни 2021 година. Nexta, популарен канал на YouTube и Telegram, одигра активна улога во протестите во 2020 година. Платформата подоцна беше забранета и прогласена за „терористичка организација“.

03.05.2023 - 23:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега