Четири лица, од кои двајца македонски и двајца албански државјани, се лишени од слобода откако полицијата во нивното возило пронашла дрога на регионалниот пат Блато-Дебар.
Акцијата била спроведена вчера (9 ноември) во 11:20 часот од страна на полициски службеници од ОВР Дебар, кои извршиле контрола врз патничко моторно возило „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки.
При прегледот на возилото, во кое се превезувале Ш.С. (38) од Кичево, З.А. (29) од Скопје, како и Л.Е. (23) и П.С. (20) од Република Албанија, полициските службеници пронашле и одзеле марихуана и предмети со остатоци од марихуана.
Дополнително, при проверката на документацијата е констатирано дека кичевчанецот Ш.С., кој управувал со автомобилот, имал активна забрана за управување со патничко моторно возило.
Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека по целосното документирање на настанот против приведените лица ќе биде поднесена соодветна пријава.

