Селото Чаниште е безбедно и не постои опасност за него, ниту за трите манастири во тој реон, информираше денеска во видеоизјава директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Според неговите информации, огнот во моментот се движи во правец на мариовското село Крушевица.
Огнот се движи во насока на мариовското село Крушевица. Линијата е многу долга, но јас сум оптимист дека барем оваа линија денеска ќе ја изгаснеме благодарение на четирите „пинцгауери“ на Дирекцијата, како и огнените тимови на Дирекцијата, кои се поддршка на пожарникарите од Прилеп. Овој крак верувам дека ќе го изгаснеме – изјави Ангелов.
Тој посочи дека трите манастири во реонот се обезбедени и дека огнот делумно се контролира со правење пресеки.
Не постои опасност за овие три манастири што се наоѓаат овде. Рано утрово дојде полициски хеликоптер, повторно наместивме базен за вода – монтажен базен од кој хеликоптерот ќе полни вода, но тешко е на ова место употребата на хеликоптер бидејќи на некои места со перките го распалува. Иако фрла вода, ефектот е обратен, затоа и веќе нема да го користиме овде хеликоптерот – вели Ангелов.
Ангелов додаде дека „Ер тракторите“ ќе почнат со дејство набргу откако хеликоптерот ќе се тргне од теренот.
Во секој случај, важно е дека немаме опасност по ниту едно село. Сите пожарникари, сите лица коишто учествуваат во гаснењето се живи и здрави. Во текот на вчерашниот ден, работник со багер ја има повредено ногата, дополнително чекаме информации каква повреда има – соопшти Ангелов.
Покрај овој пожар, директорот на ДЗС информираше дека во овој момент активен е и пожарот кај Студеничани, високо во планината, каде повеќе чади отколку што гори, како и пожарот на територијата на Македонски Брод.
Повеќе чади отколку што гори, исто така погoлема површина, и останува уште еден активен пожар — тоа е пожарот на територијата на Македонски Брод, којшто е прилично… прилично совладан. Значи, ветерот којшто еве сега дува, нè принудува да се повлекуваме. За неколку секунди сѐ се смени. Од една релативно мирна атмосфера, во овој наплив на оган – рече тој.
Ангелов упати и апел за внимателност до сите граѓани.
Ве молам внимавајте, доволна е искра за ваква катастрофа. Ова е најголем пожар ова лето на отворен простор. Гори претежно трева, — ретки грмушки и ретка, неквалитетна шума, но сепак е тоа вегетација. Се бориме да ја спасиме – апелираше Ангелов.
Од ДЗС информираа дека во борбата против огнот на терен дејствуваат хеликоптер на МВР од воздух, пешадија од долу, Огнени тимови на ДЗС, специјалци со пинцгауери, пожарникари од Прилеп, како и доброволци од ДПД од повеќе градови и локални мештани.


