Над 5.000 граѓани беа засегнати, а Гостивар 22 дена се соочуваше со неисправна вода, додека премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ организираат партиски собири во градот, обвини денеска на прес-конференција Наташа Поповиќ, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Од опозициската партија истакнуваат дека пет недели по почетокот на здравствената криза, сè уште нема официјален извештај или документ што ја потврдува исправноста на водата за пиење.

„Вчера Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ славеа во Гостивар, во градот каде над 5.000 граѓани беа отруени. Што славеа, труењето на граѓаните? Мицкоски нема ниту трошка морал. Ниту срам. Наместо одговорност за една од најголемите здравствени кризи во Гостивар, партиска прослава. Тоа е вистинското лице на оваа криминалната власт“, изјави Поповиќ.

Таа додаде дека криењето на документите од страна на власта внесуваполна несигурност и паника кај населението.

„Ако сè е во ред тогаш прашањето е многу едноставно: Зошто пет недели нема официјално објавени резултати од анализите на водата во Гостивар? Зошто документите се кријат од јавноста? Кој ги потпишал анализите? Која институција официјално гарантира дека водата е безбедна за пиење?“, запраша Поповиќ.

Од СДСМ реагираат и на изјавите на министерот Клековски дека испитувањата на водата се вршат секојдневно, барајќи одговори зошто тие резултати не му се претставени на јавноста.

„Пет недели власта тврди дека водата е исправна, а пет недели нема јавен документ што го потврдува тоа. Наместо стручни лица и надлежни институции, пет недели гледаме полицајци како се занимаваат со вода. Стручно лице кое ќе застане пред јавноста – нема. Институција која со потпис и печат ќе потврди дека водата е безбедна – нема. Само изјави, контрадикторни информации и „чувства““, порача Поповиќ, барајќи итно објавување на резултатите.

Exit mobile version