Во основното училиште „Александар Македонски“ во Реонски центар во општина Аеродром се доградуваат три нови училници со цел овозможување едносменска настава за сите ученици.

Инвестицијата е поддржана од Министерството за образование и наука во вредност од 2,2 милиони денари, а градежните активности треба да завршат за три месеци.

Увид во работите на терен денеска извршија министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески.

Министерката Јаневска ги истакна придобивките од ваквиот концепт на настава, посочувајќи дека досега го прифатиле над 200 училишта низ државата.

„Две години се заложуваме за воведување на едносменска настава во сите општини и училишта кадешто тоа е возможно. Придобивките се повеќекратни – децата ја започнуваат наставата наутро, кога се повеќе концентрирани за учење. Се задржуваат подолго на училиште и треба да се задржуваат, бидејќи имаа 900 часа помалку од нивните врсници до 15 годишна возраст. Повеќе се социјализираат што е важно особено за мултиетничките средини и училишта и се заштедуваат средства при работењето на училишните објекти“, рече Јаневска.

Таа додаде дека Владата им дава поддршка на општините за забрзување на овој процес преку проширување на постојните училишни капацитети.

„Во моментов инвестираме во доградба на училници во 6 училишта, а едно од нив е токму ова. Во меѓувреме се изработуваат, а дел се и изработени, вкупно 15 проекти за доградување училници во други училишта и активностите на терен етапно започнуваат отприлика од ноември месец годинава, а сите треба да бидат започнати до пролетта следната година“, нагласи министерката.

Градоначалникот Митески информираше дека училиштата во Аеродром интензивно се подготвуваат за новата учебна година, при што сите учебници се веќе пристигнати.

Покрај тоа, тој најави дека четвртоодделенците и оваа година ќе добијат таблет уреди, кои традиционално се обезбедуваат од општинскиот буџет.

Exit mobile version