Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, повика на обезбедување бесплатен пристап до основните алатки за вештачка интелигенција, особено во образованието, развојот на вештините и користењето јавни услуги. Ова го истакна на Министерскиот состанок во рамки на Глобалниот самит за вештачка интелигенција во Сеул, каде што ја предводи македонската делегација.
Како што соопшти Министерството за дигитална трансформација, Андоновски предупредил дека нееднаквиот пристап до новите технологии може дополнително да го зголеми јазот меѓу развиените земји и економиите во развој, но и меѓу граѓаните со различни приходи.
„Земјите што имаат средства да вложуваат во напредни алатки, пресметковни капацитети и вештини можат забрзано да напредуваат, додека економиите во развој дополнително да заостануваат. Талент постои во секоја држава, но можноста да се пристапи до вештачка интелигенција не е еднаква за сите“, истакнал министерот.
Според Андоновски, достапноста на вештачката интелигенција треба да биде развоен приоритет, а како можни решенија ги посочил заедничкото користење на пресметковните ресурси, регионалниот пристап до технологијата и националните програми за развој.
На самитот тој се осврнал и на „Везилка“, македонската антена поврзана со европските фабрики за вештачка интелигенција. Преку оваа иницијатива, компаниите и јавните институции добиваат пристап до европски суперкомпјутерски ресурси и поддршка за развој на практични решенија. Предвиден е и развој на јазични модели и податочни збирки на македонски јазик.
Андоновски зборувал и за суверенитетот на податоците, нагласувајќи дека тој подразбира можност државата да развива сопствени дигитални решенија, да ги заштитува информациите на граѓаните и истовремено да соработува со меѓународните партнери.
„Можноста да се користат придобивките од вештачката интелигенција не смее да зависи од богатството на една држава или од приходите на едно семејство“, истакнал министерот.
Во рамки на посетата на Сеул, Андоновски ќе оствари и билатерални средби со заменик-претседател на Светската банка, претставници на Република Кореја и други министри. На средбите се очекува да се разговара за продлабочување на соработката во областа на дигиталната трансформација и вештачката интелигенција.

