Според информациите од експертските тимови на терен, се очекува граѓаните на Гостивар кон крајот на оваа недела да добијат техничка вода, а кон крајот на следната седмица и вода за пиење, изјави директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Во гостувањето во дневникот на ТВ Сител, таа информираше дека ИЈЗ во изминатите денови два пати излегол на терен во Гостивар за да земе примероци од водата, при што првите се земени минатиот четврток, а вторите во понеделникот попладне.
- Првиот пат земавме примероци од четири места, а вториот пат од двете места. Тие места се претежно јавни површини. Резултатите се различни за секое место поединечно. Имаме место каде што има отстапување од микробиолошки параметри, отстапувања од параметрите за резидуален хлор. Она што е добро за овие анализи е тоа што физичко-хемиската анализа во овие примероци е во моментот исправна. Во некои од примероците има присуство на колиформни бактерии, се забележуваат мезофилни аероби. Има примероци кои немаат микробиолошки неисправност, но имаат неисправност во однос на резидуалниот хлор, рече Андоновска.
Овие резултати, како што нагласи таа, според правилниците по кои работат ИЈЗ и АХВ, значат дека водата во овие места во моментот е неисправна за консумирање.
Прашана кој е надлежен за ваквите анализи, Андоновска посочи дека ИЈЗ нема законска обврска самоиницијативно да врши мониторинг на водата.
- Нема правилник, закон, по кој ние имаме обврска да вршиме мониторинг на водата. Тоа го има друга институција. Ние имаме современи лаборатории, простор, опрема и кадар да вршиме испитување на вода, храна, одредени предмети, но немаме обврска за мониторинг. Можеме да правиме испитување на водата само кога ќе бидеме повикани од соодветен инспектор тоа да го направиме. Самоиницијативно, тоа не можеме да го направиме. Можеме да направиме испитување доколку бидеме повикани од инспектор во одредени места кои ќе ни бидат посочени или самото јавно претпријатие да побара од нас, вели директорката на ИЈЗ.
Таа додаде дека јавните комунални претпријатија имаат обврска да прават анализи, но самите решаваат која институција ќе ја ангажираат за испитувањето.
Конкретно за Гостивар, директорката истакна дека ИЈЗ минатата година има направено една анализа и една оваа година на едно мерно место.
- Во анализа направена во 2025-та имале неисправни резултати. Таа што ја направиле кај нас во институтот била неисправна анализа. Имаме податоци, но во моментот не располагам со тие податоци. Била неисправна во одредени параметри. Кога добиваме неисправна анализа ја информираме самата институција која барала испитување и АХВ дека сме нашле една неисправна анализа. Тоа не значи дека ние даваме забрана дека таа вода не е за пиење. Ние велиме дека во овој примерок што стигнал до нас водата има нешто, а вие понатаму проверете дали е исправна или не и само во тоа мерно место или воопшто низ целото место, изјави Андоновска.

