Денеска „АЛТА банка“ АД Битола им изврши исплата на средства на 556 пензионери кои имаат платежни сметки во банката, а не располагаат со платежни картички, со што е надминат првичниот план од околу 400 исплати.
Исплатата се одвивала во најдобар ред во филијалата во Битола. Освен граѓаните кои биле повикани преку СМС-пораки, на шалтерите биле услужени и сите оние кои немале оставено телефонски број, а самостојно дошле да ги подигнат парите. Согласно со утврдените ограничувања, граѓаните можеле да повлечат до 20.000 денари, во рамките на максимално дозволениот износ за период од две недели.
Од Народната банка информираат дека на сметките на банката денеска се уплатени и средствата за социјална помош од Министерството за социјална политика, демографија и млади, со што се создадени услови исплатата за овие корисници да започне утре, 6 ноември.
Филијалата во Битола утре ќе работи во две смени, а отворена за клиентите ќе биде и во сабота. Наредната недела се очекува и отворање на шалтери во другите градови низ државата.

