Претседателот на мрежата на француски стопански комори (CCI France), Ален ди Крешенцо, упати итен јавен повик за привремено запирање на демонстрациите во земјата, предупредувајќи дека актуелните немири го доведуваат во прашање опстанокот на малите локални бизниси во клучниот период од годината, пренесува „Фигаро“.
Гостувајќи на „Радио Класик“, Ди Крешенцо нагласи дека трговците се крајно уморни и разочарани од ситуацијата. Тој потсети дека месеците ноември и декември се пресудни за малите продавници, бидејќи тогаш остваруваат дури 40 отсто од своите вкупни годишни приходи.
Според неговите податоци, само за време на протестите во саботата биле оштетени околу 50 продавници, додека целокупната трговска активност забележала драстичен пад од приближно 80 отсто. Голем дел од сопствениците биле принудени превентивно да ги затворат своите објекти по насилствата што се случија за време на протестот на 17 октомври.
„Ако демонстрациите се одржуваат секој викенд, незамисливо е продавач да ја поправи својата продавница, а следната недела повторно да биде вандализирана“, истакна Ди Крешенцо.

