СДСМ бара претседателот на Собранието, Африм Гаши, веднаш да свика итна седница на која ќе се разгледува постапувањето на институциите во спречувањето на насилството врз жените и семејното насилство, како и заштитата на жртвите.
Барањето доаѓа по последниот случај на семејно насилство, во кој 42-годишна жена од Гостивар беше примена во Клиничкиот центар во Скопје со тешки телесни повреди и се наоѓа во животозагрозувачка состојба.
Од СДСМ информираат дека нивните пратеници и коалициските партнери поднеле официјално барање до Гаши за свикување итна седница со една точка на дневен ред – постапувањето на надлежните институции во спречувањето на насилството врз жените и семејното насилство.
Од партијата бараат пред Собранието да се утврди зошто нема институционална одговорност, како се постапува по пријавите за насилство, кој ја проценува опасноста за жртвите и дали мерките за нивна заштита навистина се спроведуваат.
„Секоја жена што пријавува насилство мора да добие заштита веднаш. Затоа бараме пред Собранието да се одговори зошто нема одговорност, што се случува по секоја пријава, кој го проценува ризикот и кој проверува дали мерките за заштита се спроведуваат“, се наведува во соопштението.
Како аргумент за итноста на седницата, од СДСМ ги посочуваат податоците за фемицидите и семејното насилство. Според партијата, во 2025 година биле регистрирани шест фемициди, додека до ноември годинава биле евидентирани седум убиства на жени. Дополнително, наведуваат дека Министерството за внатрешни работи регистрирало 1.897 настани поврзани со семејно насилство во периодот од јануари до октомври годинава.
Од СДСМ посочуваат и дека, според деветмесечниот пресек на МВР, повеќе од 80 проценти од жртвите на кривичните дела поврзани со оваа проблематика се жени.
Партијата упати критики и до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оценувајќи дека по бројните случаи на насилство требало да поднесе оставка.
Од опозицијата бараат парламентарното мнозинство да не го попречува свикувањето на седницата, туку Собранието да побара одговори од надлежните институции и да утврди конкретни мерки и рокови за подобра заштита на жените.
„Колку уште жени треба да бидат повредени за институциите предводени од ВМРО да ја преземат одговорноста и конечно некој да одговара?“, прашуваат од СДСМ.

