Вработени во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) биле затекнати при кражба на поголемо количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Како што објави Ѓорѓиевски, случајот бил откриен вечерва од страна на внатрешната контрола на ЈСП, по што веднаш била повикана полицијата.
Тој најави дека инволвираните вработени ќе бидат отстранети од работа и изрази очекување дека Јавното обвинителство ќе отвори постапка, а секој за кого ќе се утврди одговорност ќе одговара пред законот.
„Секој литар нафта во тие гаражи е платен со ваши пари за автобусите на ЈСП да ве однесат на работа, на училиште и дома“, порача Ѓорѓиевски.
Градоначалникот истакна дека негова обврска е да ги штити јавните средства и најави санкции за секој што ќе се обиде да ги злоупотреби.
„Моја обврска е да го чувам секој ваш денар. Кој и да посегне по него, ќе биде санкциониран. Без исклучок!“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека борбата против корупцијата и злоупотребите во јавните претпријатија ќе продолжи.

