Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави серија мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот, меѓу кои редизајн на 50 критични крстосници и улици, подобро осветлување, сообраќајна сигнализација и изградба на поврзани пешачки и велосипедски патеки.
Во обраќањето на втората Национална конференција за безбедност на патиштата, Ѓорѓиевски посочи дека целта на Град Скопје е до 2030 година да нема сообраќајни несреќи со смртни последици.
Тој истакна дека станува збор за заедничка обврска за намалување на бројот на загинати и тешко повредени лица во сообраќајот за најмалку 50 проценти до 2030 година, додека Скопје поставува уште поамбициозна цел.
Како дел од приоритетните инфраструктурни проекти, градоначалникот ги посочи булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и клучката „Момин Поток“, за кои вели дека треба да придонесат за побезбеден сообраќај.
Ѓорѓиевски упати поддршка и за проектот „Безбеден град“ (Safe City), кој го спроведува Министерството за внатрешни работи, оценувајќи дека евидентирањето на сообраќајните прекршоци придонесува за поголема дисциплина кај возачите.
Тој упати и апел до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат правилата, да не користат мобилни телефони додека возат и да ја намалуваат брзината пред пешачките премини.
„Ниту едно брзање не вреди повеќе од човечки живот“, порача Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.

