ВМРО-ДПМНЕ најавува нова мерка за поддршка на младите брачни парови, со која тие ќе бидат ослободени од плаќање комуналии кон општините при изградба на сопствен дом.
Од партијата информираат дека мерката ќе биде преточена во законско решение и ќе важи за брачни парови на возраст до 35 години, на целата територија на државата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, целта е да им се олесни на младите семејства решавањето на едно од најважните животни прашања – обезбедувањето сопствен дом, преку директно финансиско олеснување при започнувањето на изградбата.
Од партијата посочуваат дека ваква мерка веќе се спроведува во неколку скопски општини, меѓу кои и Гази Баба, каде младите брачни парови до 35 години се ослободени од целосниот износ на комуналиите што ѝ припаѓаат на општината.
Дополнително, Советот на Град Скопје усвои мерка со која младите брачни парови до 40 години и самохраните родители се ослободуваат од 60 проценти од надоместокот за уредување на градежното земјиште, односно од делот што му припаѓа на Градот Скопје, за објекти во рамки на Генералниот урбанистички план.
Од ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат дека старосната граница првично била 29 години, но по направените анализи била проширена на 35, односно 40 години, со цел мерката да опфати поголем број млади семејства.
Од партијата додаваат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на политики за поддршка на младите и создавање услови тие својата иднина да ја градат во Македонија.

