Унгарија нема да го прифати предлогот за следниот седумгодишен буџет на Европската Унија доколку неговата примена значи зголемување на финансиските придонеси на земјата, изјави унгарскиот премиер Петер Маѓар во Брисел.
Во видеопорака објавена на неговиот профил на „Фејсбук“, по повод самитот на лидерите на ЕУ, Маѓар истакна дека претстојат тешки преговори за следниот долгорочен финансиски план на Унијата.
Тој нагласи дека Унгарија се залага за буџет во кој традиционалните политики, како кохезионата политика и заедничката земјоделска политика, ќе продолжат да добиваат финансиска поддршка на приближно исто ниво како и во претходните години.
Маѓар посочи дека Будимпешта не се согласува ниту финансирањето на Украина да биде поврзано со следниот седумгодишен буџет на ЕУ.
„Унгарија, заедно со неколку други земји членки, исто така јасно стави до знаење дека не може да прифати предлог што на кој било начин го поврзува прашањето за финансирање на Украина со следниот седумгодишен буџет на ЕУ“, истакна Маѓар.
Тој информираше дека одржал консултации со претставници на групата од 17 земји членки позната како „Пријатели на кохезијата“, а дека Будимпешта одржува контакти и со земјите од Вишеградската група, со цел координирање на позициите во преговорите.
„Заедно, обединети, ги браниме и кохезионата политика и интересите на Централна Европа“, порача унгарскиот премиер.
Тој додаде дека интересите на Унгарија, нејзините граѓани и бизниси остануваат приоритет.
На дневниот ред на самитот на Европскиот совет во Брисел е следниот седумгодишен финансиски план на ЕУ, кој ќе го опфати периодот од 2028 до 2034 година, како и обезбедувањето финансиска поддршка за Украина во 2027 година.
Преговорите се одвиваат во услови на различни ставови меѓу земјите членки за висината на буџетот, распределбата на средствата и идното финансирање на Украина.

