Двајца ирачки државјани се уапсени во Германија под сомнение дека планирале терористички напади врз објекти поврзани со САД и еврејската заедница, меѓу кои и синагоги. Информацијата ја соопшти Канцеларијата на главниот државен обвинител во Карлсруе.
Според обвинителството, уапсените Мостафа Ал Р. и Амир Ј. се осомничени за членство во терористичка организација и подготовка на напади врз цели во Европа.
Како што се наведува во соопштението, двајцата биле во близок контакт со проиранската организација ХАЈИ, која се поврзува со серија напади врз објекти поврзани со САД, Израел и еврејските заедници во Европа.
„Мостафа Ал Р. и Амир Ј. основале подружница на оваа организација во Германија со цел подготовка и извршување на нападите и регрутирале луѓе кои ќе ги извршуваат нападите со експлозиви“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Според истрагата, во март годинава непознати лица со експлозиви се упатиле кон синагоги во Келн и во уште еден европски град. Сепак, од засега непознати причини, нападите не биле реализирани.
Паралелно со апсењата во Келн и Хајделберг, германските власти извршиле претреси на уште 17 објекти низ земјата.
Акцијата на обвинителството се заснова на информации добиени од германската внатрешна разузнавачка служба, односно Канцеларијата за заштита на уставниот поредок.
Истрагата за случајот продолжува.

