Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ – Скопје денеска организира трибина посветена на хроничната бубрежна болест, донирањето органи и трансплантацијата, со цел подигнување на јавната свест и информирање на граѓаните за значењето на органодарителството.
Настанот ќе се одржи во Народната канцеларија на претседателката на државата. На трибината ќе се обратат претседателот на здружението, м-р Душко Ѓоргиев, националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, како и здравствени професионалци од областа на нефрологијата, дијализата и трансплантацијата.
Во дискусијата ќе учествуваат и пациенти кои се лекуваат со дијализа, трансплантирани лица и донори на органи.
Преку директна размена на искуства и информации, присутните ќе разговараат за хроничната бубрежна болест, можностите за лекување, значењето на трансплантацијата и потребата од развивање култура на органодарителство.
Посебен акцент ќе биде ставен на надминувањето на митовите и предрасудите поврзани со донирањето органи, како и на важноста од навремено и точно информирање на јавноста. Од „Нефрон“ посочуваат дека целта е да се испрати порака за поддршка на пациентите со бубрежни заболувања и за заедничко делување на здравствените институции, граѓанските организации и пошироката заедница.
Од здружението информираат дека трибината е дел од проектот за подобрување на пристапот до здравствените и социјалните права на дијализните пациенти, како и за развој на културата на дарување органи и трансплантација. Проектот е поддржан од Министерството за односи меѓу заедниците.
Следната трибина, според најавите, ќе се одржи на 3 декември во Куманово.

