Со повик за поголема институционална одговорност и заштита на жените, иницијативата „Ниту една повеќе“ денеска организира протест во паркот „Жена борец“ во Скопје, по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата.
Протестот е реакција на зачестените случаи на семејно насилство и фемициди во земјата, а организаторите повикуваат на масовно учество и заедничка борба за заштита на женските животи.
„Кога институциите се глуви, да ги натераме да нè чујат! Се среќаваме на единственото место каде што има смисла да бидеме заедно – на улица, во протестна борба за женските животи“, порачуваат од иницијативата, повикувајќи ги граѓаните да го споделат повикот и да им се приклучат.
Протестниот марш ќе започне во 17 часот од паркот „Жена борец“. Учесниците се повикани со себе да понесат свирчиња, батериски ламби и по една грутка земја.
Од иницијативата најавуваат и перформативна акција на крајот од протестот, подготвена од културно-уметничка група активистки.
„На протестот ќе валкаме раце“, наведуваат организаторите во повикот.

