Затворски полицаец од Струмица е осомничен за обид за продажба на кокаин, откако полицијата кај него пронашла наркотични дроги, муниција и предмет за кој било утврдено дека потекнува од кражба.
Станува збор за 50-годишниот Р.С. од Струмица, против кого СВР Струмица поднело кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, недозволено поседување оружје и експлозивни материи и кражба.



ФОТО: МВР
Според информациите од полицијата, случајот бил откриен на 21 ноември, во близина на Затворот во Струмица. Осомничениот, кој работел како затворски полицаец, наводно се обидел да продаде кокаин на друго лице, а при интервенцијата кај него биле пронајдени три пакувања со оваа дрога.
Дополнителните претреси во неговиот дом и во службените простории што ги користел во затворот откриле уште пакувања со кокаин, марихуана и дигитална вага.
Но, тоа не било сè. Во службениот ормар на полицаецот биле пронајдени и куршуми за пиштол во количина поголема од онаа што му била задолжена за службена употреба. При претресот бил откриен и паричник за кој било утврдено дека потекнува од кражба пријавена истиот ден.
По приведувањето и поднесувањето на кривичната пријава, 50-годишникот бил изведен пред судија на претходна постапка, кој му определил притвор во траење од 30 дена.

