Разликата во утринските температури низ земјава достигна 12 степени. Најтопло утрово е во Демир Капија, каде се измерени 13 степени, додека најстудено е на Попова Шапка со само еден степен Целзиусов, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи до 8:30 часот.
Во Маврови Анови и Лазарополе се измерени 5 степени, во Скопје-Петровец, Струмица и Крушево 6, додека во Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци и Гевгелија температурата изнесува 7 степени.
Во Тетово и Берово се измерени 8 степени, во Охрид, Претор, Прилеп и Велес 9, во Крива Паланка 10, во Битола и Виница 11, а во Штип 12 степени.
Во изминатите 24 часа, заклучно со 7 часот утрово, најмногу врнежи се регистрирани во Лазарополе, каде наврнале 20 литри дожд на квадратен метар. Во Маврови Анови се измерени 16 литри, на Попова Шапка 8, во Пожаране 7, во Охрид 6, во Скопје-Зајчев Рид и Претор 3, во Тетово 2, а во Крушево и Велес по еден литар на квадратен метар.
За денеска метеоролозите најавуваат променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во текот на попладневните часови и кон крајот на денот, со продорот на постудена воздушна маса, на повисоките места дождот ќе преминува во снег и дожд, додека на планините се очекуваат снежни врнежи.
Ќе дува засилен, повремено силен ветер, претпладне од западен, а попладне од северен правец, кој на одделни места ќе надминува 70 километри на час. Максималните температури ќе се движат од 12 до 19 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а попладне повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне 16 степени.

