Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера ја најави новата партиска кампања „Очи в очи за подобро“, во рамки на која заедно со членовите на Извршниот комитет ќе остварува посети на општинските комитети низ земјава и ќе одржува средби со граѓаните.
На конференцијата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски најави дека активностите ќе започнат од претстојниот викенд и ќе продолжат до крајот на годината, со посети на градови и населени места.
Тој посочи дека целта е преку непосредни разговори со граѓаните да се слушнат нивните проблеми, очекувања и забелешки, но и да се разговара за реализираните проекти, започнатите инвестиции и областите во кои се потребни подобрувања.
Мицкоски нагласи дека средбите нема да бидат наменети само за презентирање на постигнатото, туку и за отворена дискусија за проблемите што сè уште чекаат решение.
Според најавата, кампањата ќе продолжи и од пролетта, кога се планирани трибини со граѓаните низ целата држава, од град во град и од село во село.
„Довербата не е нешто што еднаш се добива и засекогаш се задржува. Таа се проверува секој ден“, порача Мицкоски.

