14-годишно момче од Грција подготвувало напад во училиште и пукање врз неговите соученици за кои тврдело дека постојано го малтретирале. Грчката полиција го спречила нападот откако антитерористичката служба почнала истрага по добиени информации од странска агенција за корисник на апликацијата Телеграм кој се заканувал дека ќе изврши масовно пукање.
Случајот, властите го оценуваат како невиден во Грција.
Полицијата го лоцирала профилот и утврдила дека зад него стои 14-годишниот тинејџер. Според истрагата, тој пребарувал информации за вооружени напади во училишта, се обидувал да набави огнено оружје и воена опрема, а размислувал и да го сними нападот и да ја објави снимката на интернет.
Тинејџерот купил и нож долг 35 сантиметри.
Пред полицијата изјавил дека сакал да се одмазди на група од 10 до 15 малолетници кои, како што тврдел, постојано го навредувале и физички го напаѓале.
Надлежните соопштиле дека нема докази за идеолошка радикализација или терористички мотив. Случајот го опишале како ескалација кон насилство насочено кон конкретни лица, поттикнато од желбата за одмазда.

