Воспоставувањето на системот „One Stop“ со Албанија претставува исполнување на уште еден важен приоритет на Министерството за внатрешни работи, насочен кон олеснување на движењето на граѓаните и унапредување на регионалната поврзаност, вели министерот за внатрешни, Панче Тошковски.
„Со воведувањето на системот ‘One Stop’ со Република Албанија го заокружуваме она што го започнавме со Србија и Косово – воспоставување современ модел на заеднички гранични контроли со сите наши соседи надвор од Шенген-зоната. Нашата цел е едноставна: граѓаните да поминуваат побрзо, да нема непотребни задржувања, а граничните служби да работат поефикасно и покоординирано. Границите треба да бидат безбедни, но истовремено и функционални, особено во време кога мобилноста на граѓаните, туризмот и економската соработка постојано се зголемуваат“, истакна Тошковски.
Со воведувањето на овој систем се заокружува процесот на воспоставување заеднички гранични контроли со соседните држави кои не се дел од Шенген-зоната, по успешната имплементација на моделот „One Stop“ со Република Србија и Република Косово.
Станува збор за значаен чекор во модернизацијата на граничното управување, кој овозможува поедноставени процедури, побрз проток на патници и возила и намалување на времето на чекање на граничните премини, без притоа да се намалат безбедносните стандарди и контролите.
Дека ваквиот модел дава конкретни резултати покажува и досегашното искуство со Република Србија. На граничниот премин Табановце, каде што системот „One Stop“ беше воведен во јули 2025 година, времето на чекање во одредени периоди е намалено од неколку часа на околу 30 минути, и покрај зголемувањето на бројот на патници за 15 до 20 проценти.
Позитивните искуства од заедничките контроли со Србија, како и од граничните премини Блаце – Хани и Елезит и Јажинце – Глобочица со Република Косово, претставуваат основа за натамошно унапредување на граничното управување и со Република Албанија.
Со новиот систем на Ќафасан се овозможува координирано спроведување на граничните проверки на едно место, со што се избегнува непотребното повторување на процедурите и се создаваат услови за побрз и поефикасен премин на границата.

